Првиот вицепремиер и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, оствари средба со жителите на скопската населба Серово, во традиционалниот конак на ага Галиќ.
„Попладнето го поминавме во Серово, во конакот на агата Галиќ – место кое веднаш те тера да се чувствуваш како дома. Жителите нè пречекаа со отворено срце и топол чај, што ја направи средбата уште посрдечна,“ напиша Меџити по настанот.
Тој истакна дека клучот за доброто владеење е слушањето на граѓаните и постојаната комуникација со нив:
„Ми ги раскажаа секојдневните предизвици, ги споделија желбите и идеите за нивната населба. Внимателно ги слушав и со голем респект – затоа што така ја разбирам јавната служба: да ги слушаш луѓето, да ги почитуваш и да бидеш секогаш покрај нив.“
Меџити јасно порача дека неговата врата ќе остане секогаш отворена:
„За секој збор што треба да се чуе, за секоја рака што бара поддршка.“
Во завршницата, тој упати ветување за натамошен развој на Серово:
„Им ветив дека Серово ќе продолжи да се развива уште повеќе, со брзи чекори и со целосна посветеност. Тука сме за да го направиме Чаир подобро место за живеење – чекор по чекор, заедно.“