04 август 2025 – Украинските воздухопловни сили извршија успешен удар врз рускиот воен аеродром Саки на Крим, при што бил уништен еден борбен авион Су-30, а четири други авиони се оштетени, соопштија официјални извори од Киев.
Според државната новинска агенција „Укринформ“, нападот бил изведен со беспилотни летала од Центарот за специјални операции на украинските воздухопловни сили. Целта бил стратешки важниот аеродром Саки, кој Русија го користи како главна воздухопловна база за операции над Црното Море.
„Нападот предизвика пожар во складиште за авијациско оружје, при што еден авион е целосно уништен, а четири се значително оштетени“, соопштија од украинската безбедносна служба.
Нападот претставува значаен удар врз руските воздушни капацитети на полуостровот, кој е анектиран од Русија во 2014 година и е постојана цел на украински воздушни и ракетни удари од почетокот на војната.
Од Киев додаваат дека секој дрон од ваков тип чини од 35 до 50 милиони долари, нагласувајќи ја технолошката и финансиска тежина на операциите против руските цели. Москва сè уште нема официјално реагирано на овие наводи.