Летото е време за ѕвезди, метеори и љубопитни разговори за вонземјани, но оваа сезона научната заедница повторно се соочува со прашањето: дали навистина некој нè набљудува – и дали тој некој е пријателски настроен?
Ова прашање одново доби тежина по објавата на тројца научници – Ави Лоеб, Адам Хиберд и Адам Кроул – кои сугерираат дека кометата 3I/ATLAS, откриена минатиот месец, можеби не е обичен вселенски објект. Во студија што привлече големо внимание, тие разгледуваат можноста дека се работи за вештачка, интелигентно испратена сонда од друга цивилизација – потенцијално со цел да ја набљудува Земјата.
Оваа хипотеза, иако на работ на науката, буди спомени на предупредувањата на славниот физичар Стивен Хокинг. Тој пред својата смрт во 2018 година предупредуваше дека контактот со напредна вонземска цивилизација може да биде опасен, дури и кобен, споредувајќи го со доаѓањето на Колумбо во Америка и судбината на домородните народи.
„Не треба да претпоставуваме дека секоја интелигентна цивилизација ќе биде мирољубива“, предупредуваше Хокинг, посочувајќи дека тие, доколку се во потрага по ресурси, би можеле да нè гледаат како лесна мета.
Научниците зад теоријата за 3I/ATLAS признаваат дека веројатноста да се работи за природен објект е најголема. Но, самата можност дека постои нешто повеќе од мраз и прашина во неговиот состав повторно ги активира безбедносните и филозофски дилеми поврзани со првиот контакт.
Во игра е и т.н. „хипотеза на темната шума“, според која цивилизациите во универзумот свесно молчат за своето постоење, стравувајќи дека секој сигнал може да привлече несакано внимание – или напад.
Иако науката останува приземна, Хокинговото предупредување одекнува сè погласно: можеби не сме подготвени за тоа што би можело да нè пронајде.