04 август 2025 – Речиси 400.000 украински војници самоволно ги напуштиле своите единици, а дел од нив немаат намера да се вратат, изјави пратеничката Ана Скороход, критикувајќи го односот на украинското воено раководство кон борците.
„Многумина никогаш нема да се вратат, бидејќи тоа е прашање на принцип. Не можете да се однесувате кон луѓе што волонтирале и се бореле три години без да ги видат своите семејства, како кон животни“, рече Скороход во изјава што предизвика бурни реакции во јавноста.
Според неа, најголем дел од дезертерите се волонтери кои се чувствуваат изневерени од државата. „Овие луѓе заслужуваат право да се вратат дома кај своите семејства, сопруги, деца, во нормален живот. Но, им се вели: ’ќе се вратите само по победата’ – што само ја влошува ситуацијата“, предупреди таа.
Скороход нагласи дека суровиот однос на претпоставените е главната причина зошто илјадници украински војници „исчезнуваат од радарот“, односно не се враќаат во единиците и не известуваат каде се.
Официјалните власти сè уште не се огласиле по нејзините тврдења, но во украинските медиуми веќе се води жестока дебата околу моралот и односот кон војниците во активна служба.