УТРО.мк

Македонската заедница во Австралија го одбележа Илинден и АСНОМ во Мелбурн пред споменикот на Гоце Делчев

Македонската заедница во Австралија го одбележа Илинден и АСНОМ во Мелбурн пред споменикот на Гоце Делчев
Vero

Мелбурн, Австралија – На 4 август 2025 година, Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија организираше свечен и достоинствен настан по повод одбележувањето на Илинден 1903 и АСНОМ 1944 година. Модератор на програмата беше Ицо Најдовски Перин.

Архимандритот Гаврил Галев и отец Климент Станковски одслужија заупокоена трисагија во чест на револуционерите кои ги положија животите за слободна и обединета Македонија. Хорот при Македонската православна црква „Свети Ѓорѓи и Пресвета Богородица“ ја изведе македонската национална химна.

Претседателот на Македонската православна општина, Дејан Змејковски, се обрати за значењето на Илинден, додека Роберт Стојановски од Светскиот македонски конгрес – Австралија одржа инспиративен говор на англиски јазик.

Поетите и актери Дона Димовска, Стеван Ацевски и Игорче Трпчески од Македонското литературно друштво „Кочо Рацин“ од Мелбурн настапија со рецитации, а претседателката на Македонската православна младина за Австралија, Натали Ристевска, зборуваше за значењето на Илинден и АСНОМ.

Во културно-уметничкиот дел од програмата настапија познатата играорка и естрадна уметничка Кајла К и Македонското културно-уметничко друштво „Светлост“, кое годинава слави 65 години од основањето, заедно со црквата „Свети Ѓорѓи“. Македонското културно-уметничко друштво „Никола Карев“ го дополнуваше програмскиот дел со две песни.

На крајот од свеченоста, делегации на македонските здруженија, организации и активисти од заедницата положија венци и свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев, изразувајќи почит кон македонските револуционери и нивната жртва за татковината.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран