Поранешниот директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа и кандидат на ВРЕДИ за градоначалник на Општина Брвеница, Хаќим Рамадани, по поразот на локалните избори објави дека останал без работа и дека ќе бара вработување во приватни компании.
„Од денеска сум невработен. Дипломиран економист сум. Барам работа само во приватни компании“, напиша Рамадани на својот профил на Фејсбук.
На изборите, Рамадани загуби од кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Илиевски. Иако ВРЕДИ имаше договор за меѓусебна поддршка со коалициски партнери, тој во текот на кампањата даде контроверзни изјави во кои тврдеше дека мора да ја добие трката „зашто е Албанец“ и повикуваше гласачи од дијаспората да се вратат и да гласаат за него.
Поради овие изјави, премиерот Христијан Мицкоски пред неколку дена најави дека Рамадани ќе биде разрешен од директорската позиција во Инспекторатот за локална самоуправа, што се реализира веднаш по изборите.































