Тешка сообраќајна несреќа се случи денеска околу 17 часот на патниот правец Прилеп–Росоман, во близина на селото Радобил, при што загинаа две лица, а петмина се повредени.
Несреќата се случила при судир на две патнички возила. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, тројца од повредените се пренесени во болницата во Прилеп, а двајца во Кавадарци, каде што им е укажана итна медицинска помош.
Лекарите на самото место констатирале смрт кај две лица. Во моментот на несреќата, патниот сообраќај бил целосно блокиран, а од 18 часот се одвива по една коловозна лента со наизменично пропуштање на возилата.
Докторот Ненад Лазаров, кој случајно се затекнал на местото на несреќата, раскажал дека сцената била стравотна и дека веднаш помогнал во пружањето прва помош на повредените.
Полицијата извршува увид на местото на несреќата, а по неговото завршување ќе бидат објавени повеќе детали за причините и околностите што довеле до трагедијата.































