Основното јавно обвинителство Прилеп соопшти дека вечерва дежурен јавен обвинител извршил увид на местото на тешката сообраќајна несреќа што се случи во близина на Плетвар, на патниот правец Прилеп – Росоман, во близина на местото Фариш.
Според првичните информации, до трагедијата дошло при неправилно претекнување и судар на два автомобили кои се движеле во иста насока. Во несреќата животот го загубиле две лица, меѓу кои и возачот на едното возило, а пет други се здобиле со повреди.
Јавниот обвинител издал наредби за прибирање на сите материјални траги од местото на несреќата и ќе се спроведе вештачење на автомобилите, како и обдукција врз телата на загинатите.
Покрај тоа, кај преживеаниот возач ќе се направи тестирање за присуство на алкохол и психоактивни супстанции.
Од Обвинителството информираат дека се преземаат сите неопходни дејствија за целосно утврдување на околностите и причините кои довеле до сообраќајната несреќа.































