УТРО.мк

Прилеп му оддаде чест на Коста Смилески – поставена ѕвезда на патеката на славните прилепчани

Прилеп му оддаде чест на Коста Смилески – поставена ѕвезда на патеката на славните прилепчани
Vero

Синоќа во Прилеп, заедно со членовите на семејството на Коста Смилески, беше откриена ѕвездата на патеката на познатите прилепчани, посветена на еден од најзначајните музички дејци на градот и македонската култура.

Коста Смилески остави неизбришливи траги во културниот живот на Прилеп преку својата посветеност, талент и љубов кон музиката и театарот. Роден во 1939 година, Смилески студирал во музичкото училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ и на музичката академија во Скопје. Како флејтист, активно настапувал во КУД „Моминок“ и КУД „Мирче Ацев“ и бил еден од основачите на Долненскиот фестивал.

Во 1962 година започнал работа во Македонската радио и телевизија во Народниот оркестар, каде неговиот талент бил награден со прва награда за првенец инструменталист на флејта во Загреб. Смилески е автор и аранжер на повеќе од 300 ора и голем број македонски народни песни, меѓу кои „Зајачко оро“, „Прилепско оро“ и композиции изведувани од Јонче Христоски како „Свирете ми чалгии“ и „Несакам лажна среќа“.

Градоначалникот Дејан Проданоски истакна дека оваа иницијатива ја продолжува традицијата на почит кон заслужните граѓани на Прилеп, која не беше реализирана од 2016 година. „Културата и наследството на големите имиња мораме не само да ги чуваме, туку и да ги пренесуваме понатаму“, рече Проданоски.

Поставувањето на ѕвездата на Коста Смилески е уште едно потсетување дека музиката и културното наследство на Прилеп продолжуваат да живеат низ делата на своите луѓе и дека градот останува посветен на славните личности кои го обликувале неговиот културен идентитет.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран