Украински беспилотни летала извршија серија напади врз индустриски и енергетски објекти длабоко на руска територија, предизвикувајќи пожари и масовни прекини на електричната енергија во повеќе региони, објавија руските власти. Нападите се случиле стотици километри од украинската граница, а цел биле клучни инфраструктурни објекти, пренесува Киев Пост.
Во регионот Волгоград, пожар избувнал во трафостаницата Фроловскаја по удар од остатоци од соборено беспилотно летало. Делови од градот Фролов и околните населби останале без струја, а регионалните власти прогласија тревога за можни нови напади.
Слични инциденти се забележани и во Курск, каде повеќе од 16.000 потрошувачи останале без електрична енергија по нападите врз трафостаници во Рилски, Глушков и Кореновски.
На исток, во Башкортостан, два дрона предизвикале штета на петрохемиската фабрика во Стерлитамак, која произведува материјали за нафтената, прехранбената, медицинската и пластичната индустрија.
Во Нижни Новгород, напад врз индустриската зона на градот предизвикал пожар во рафинеријата Лукоил-Нижегороднафтооргсинтез (НОРСИ), една од најголемите во Русија со годишен капацитет од 17 милиони тони, како и во петрохемиската фабрика СИБУР-Кстово. НОРСИ беше цел на напад и на 16 октомври.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека воздушната одбрана пресретнала вкупно 85 дронови во осум региони: Воронеж, Нижни Новгород, Белгород, Курск, Волгоград, Липецк, Башкортостан и Саратов. Поради нападите, аеродромите во Волгоград, Казан, Нижнекамск, Нижни Новгород, Пенза, Самара, Саратов, Тамбов и Уфа привремено ги стопираа сите летови.
Украинските власти сè уште не коментираа за овие напади.































