Тешки временски услови во Хималаите предизвикаа две одделни трагедии во источен и западен Непал, при што животите ги загубија најмалку девет лица, меѓу кои и неколку европски планинари.
Во базниот камп на Јалунг Ри, врв висок 5.630 метри, лавина однесе 12 членови на експедиција, од кои седум загинаа. Меѓу жртвите се тројца Италијанци, еден Германец, еден Французин и двајца Непалци, потврди Шерпата Фурба Тенџинг од агенцијата „Дримерс Дестинејшн“, која ја организирала експедицијата. „Видов седум тела“, изјави Тенџинг, додавајќи дека потрагата по исчезнатите продолжува.
Во друг инцидент во западниот дел на земјата, двајца италијански алпинисти — Стефано Фаронато и Алесандро Капуто — загинаа при искачување на врвот Панбари. Италијанското Министерство за надворешни работи соопшти дека тие биле дел од тричлена експедиција, а нивниот водач бил спасен со хеликоптер по неколкудневна потрага.
Според непалската полиција, неколкумина планинари успеале да преживеат лавината и се спасени со помош на спасувачки тимови.
Непал, земја во која се наоѓаат осум од десетте највисоки врвови во светот, повторно се соочува со потсетник на опасностите што ги носи алпинизмот. Есенската сезона традиционално привлекува помал број експедиции, но оваа година дополнително ја отежна циклонот Монта, кој предизвика обилни снежни врнежи, дождови и прекин на патиштата кон високопланинските базни кампови.































