Битола денес го одбележува 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот и 81 година од неговата слобода. По тој повод, во градот се одржуваат свечени активности со кои граѓаните, институциите и делегациите од збратимените градови им оддаваат почит на борците и хероите кои ја извојуваа слободата.

Одбележувањето започна со традиционален прием на претставници од Општинската организација на Сојузот на борци во кабинетот на градоначалникот Тони Коњановски. Во рамките на програмата, беа положени свежи цвеќиња пред Споменикот на Народноослободителната војна и Револуцијата, како и пред Споменикот на народниот херој Стив Наумов. Цвеќе положија градоначалникот Коњановски, претставници на Советот на општина Битола, Сојузот на борци, политичките партии и делегации од збратимените градови.

„Денешниот датум претставува потсетник на хероизмот и жртвата на нашите предци кои ја изборија слободата на градот. Наша должност и обврска е нивниот спомен да го чуваме и пренесуваме на идните генерации, како залог за трајна слобода и достоинствен развој на нашиот град. Нека е честит денот во кој одбележуваме 81 година слободна Битола,“ изјави градоначалникот Коњановски.
Во рамките на празничната програма, Коњановски одржа и средба со делегациите од збратимените градови – Кременчук од Украина, Стари Град и Пожаревац од Србија, Плевен од Бугарија и Бурса од Турција, кои годинава се дел од свечените активности во чест на празникот.

Одбележувањето на 4 Ноември ќе продолжи вечерва со Свечена академија во Центарот за култура, на која ќе бидат доделени општинските награди за годишни достигнувања и наградата за животно дело, а програмата ќе заврши со културно-уметнички настапи во чест на денот кога Битола ја слави својата слобода.































