Наполи не успеа да ја искористи предноста на домашниот терен и одигра 0:0 против Ајнтрахт Франкфурт во натпревар од новото коло на Лигата на шампионите.
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас беше дел од стартниот состав и одигра цел натпревар, покажувајќи високо ниво на борбеност и ангажман на средината од теренот. Иако италијанскиот тим имаше иницијатива и создаде повеќе изгледни шанси, реализацијата овојпат целосно затаи.
Сите офанзивци на Наполи се обидуваа да го пробијат германскиот бедем, но гостите од Франкфурт успешно одолеаја до последниот свиреж. Со овој реми, Наполи пропушти прилика да се приближи кон пласман во нокаут-фазата.
Во друг натпревар од групата, Арсенал славеше убедливо на гостувањето кај Славија Прага со 0:3. Букајо Сака погоди од пенал во 32. минута, а Мерино со два гола во второто полувреме го запечати триумфот на „топџиите“.































