Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го финализира процесот на проверка на сите пристигнати барања поднесени по Јавниот оглас за доделување финансиска поддршка на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година.
Постапката е спроведена во соработка со Управата за јавни приходи и Министерството за социјална политика, демографија и млади, врз основа на претходно потпишани меморандуми, што овозможи ефикасна и точна верификација на податоците.
На официјалната веб-страница на Министерството energy.gov.mk објавен е списокот на сите одобрени баратели. Според резултатите:
Финансиска поддршка од 1.000 денари месечно ќе добиваат 313 домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост. Право на помош стекнуваат и 94 згрижувачки семејства.
Поддршката ќе се реализира преку намалување на сметките за електрична енергија во тек на 12 месеци, почнувајќи од месецот на поднесување на барањето. За оваа цел, Министерството ќе издвои околу 5 милиони денари од Буџетот за 2025 година.
Покрај оваа мерка, Министерството веќе достави предлог до Владата за нова програма која предвидува проширување на опфатот на ранливите категории. Нов јавен оглас се очекува наскоро, со цел поголем број семејства да добијат поддршка во текот на 2025 година.