Министерката за финансии Гордана Кочоска-Димитриеска денеска го презентираше отчетот за првата година од мандатот на Владата, потенцирајќи конкретни резултати и јасна стратегија за економски раст и стабилност.
„Го презедовме Министерството во момент на висок јавен долг, дефицит без покритие и минимални капитални инвестиции. За само 12 месеци покажавме дека со одговорност и стручност можеме да ја стабилизираме економијата“, истакна министерката.
Во извештајот се наведуваат клучни постигнувања:
Намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг (намален за 36 милиони евра и за 4,7 процентни поени во БДП); Исплата на 500 милиони евра Еврообврзница без нови шокови по ликвидноста; Континуиран економски раст над 3%; Стабилизирана инфлација со тренд на опаѓање; Капитални инвестиции со реална основа и подготовка; Активирани 250 милиони евра преку Развојната банка и инвестициски циклус од 300 милиони евра во приватниот сектор; Рекордни странски директни инвестиции – 1,255 милијарди евра.
На социјален план, се потенцира зголемувањето на платите за 87.000 вработени во јавниот сектор, растот на просечната плата над 40.000 денари, како и линеарното зголемување на пензиите.
Во фокусот се и структурните реформи: нови фискални правила, стратегија до 2030, воведување на СЕПА, уредба за реални јавни инвестиции и усогласување со ЕУ преку Законот за глобален минимален данок.
„Економијата не е само статистика – тоа се плати, пензии, работа, инвестиции и предвидлива иднина. Ова е само почеток – продолжуваме со дигитализација, подобра наплата и поголема отчетност“, порача Кочоска-Димитриеска.