Во текот на воените операции на израелската армија на окупираниот Западен Брег, од јануари досега се уништени над 1.000 палестински домови, а животот го загубиле најмалку 55 лица, соопштија два палестински медиумски одбора.
Рушењата се извршени во три бегалски кампови во северниот дел на Западниот Брег – Џенин, Тулкарем и Нур Шамс – каде што израелските сили спроведуваат операции од 21 јануари, пренесува агенцијата „Анадолија“.
Најтешко погоден е кампот Џенин, каде се уништени повеќе од 600 домови, а голем дел од преостанатите станбени објекти се прогласени за небезбедни за живот. Според податоците на локалниот медиумски одбор, нападите се дел од 159-дневна воена кампања во која се уништувани куќи, патишта и станбени згради, а дел од нив се претворани во воени пунктови.
Од почетокот на операциите во Џенин се убиени 42 Палестинци, десетици се ранети или уапсени, а околу 22.000 лица се присилно раселени.
Во камповите Тулкарем и Нур Шамс, израелските булдожери срушиле дополнителни 400 домови, а над 2.500 објекти се делумно оштетени. Израелската армија, според локалните извори, планира да урне уште 106 згради, што ќе влијае врз повеќе од 250 станбени единици.
Од почетокот на операциите во тие два кампа, убиени се најмалку 13 Палестинци, меѓу кои и дете, две жени – од кои едната била бремена. Над 25.000 жители избегале поради тешките хуманитарни услови. Пристапот до камповите останува блокиран од израелските сили, а локалните власти велат дека тие се претворени во „региони без живот“.
Од почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година, израелските сили и доселеници убиле најмалку 986 Палестинци и раниле над 7.000 на Западниот Брег, информира палестинското Министерство за здравство.
Во јули, Меѓународниот суд на правдата ја прогласи израелската окупација на палестинските територии за незаконска и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.