Пакистан се соочува со катастрофални последици од монсунските дождови кои од средината на јуни предизвикаа поплави, свлечишта и разорна штета во неколку провинции. Според податоците на Националната агенција за управување со катастрофи (NDMA), досега животот го загубиле најмалку 57 лица, а над 150 се повредени.
Најголем број жртви се регистрирани во провинцијата Хајбер-Пахтунхва (25), потоа следи Пенџаб со 19 загинати, додека по четворица загинаа во Синд, Гилгит-Балтистан и Азад Кашмир. Едно лице загина и во Исламабад. Најголемиот дел од жртвите загинале поради уривање на покриви и ѕидови како последица на обилните врнежи.
Градот Хајдерабад беше особено погоден од силните поплави, а прекините во снабдувањето со електрична енергија дополнително ја влошија состојбата за жителите. Властите се обидуваат да ја испумпаат водата од улиците, но условите на теренот остануваат исклучително тешки.
Поплавите оштетија домови, земјоделски површини и патна инфраструктура. Пакистанската дирекција за метеорологија информираше дека Центарот за вонредни операции функционира со полн капацитет, додека локалните власти и спасувачките служби се во постојана координација за справување со кризата.