Италијански турист загина во Романија во напад од мечка
Туристот од Италија, Омар Фаранг Зин (48), вчера загина во напад на мечка во Романија. Трагичниот инцидент се случил додека Зин возел мотор по патот Трансфагарашан, во близина на браната Видрару во округот Аргеș.
Ден пред несреќата, Зин на својот Facebook профил објавил повеќе фотографии и видеа од мечки кои ги сретнал покрај патот, вклучително и селфи со мечка.
Се претпоставува дека Зин се приближил до мечка мајка со три младенчиња за да ги фотографира, што го предизвикало нападот.
По анализа на фотографиите од неговиот мобилен телефон, е потврдено дека тој слегол од моторот и се обидел од многу мала дистанца да ги сними мечката и нејзините младенчиња – постапка која се смета за исклучително ризична.
Мечката најпрвин го повредила мотористот, а потоа го одвлекла околу 60 метри надолу по стрмнината. Интервенирале жандармеријата и планинската спасувачка служба од Аргеș, а според локалните медиуми, мечката на крај била убиена.
На телото на жртвата биле пронајдени повеќе рани од каснувања. Екипите успеале да го извлечат телото од тешко пристапниот терен и го пренеле во судска медицина за обдукција и утврдување на точната причина за смртта. На местото на нападот биле пронајдени траги од крв, делови од опрема и ракавици на жртвата.
Локалниот портал alba24.ro известува дека посебна комисија ја идентификувала мечката и донела одлука за нејзино отстранување.
Во истата област, кон крајот на мај, во два одделни инциденти, мечки повредиле и еден Полјак и една Шпанка.