Хамас достави позитивен одговор за примирје: Се отвора пат кон 60-дневен прекин на огнот во Газа
Хамас денеска соопшти дека на посредниците им доставил позитивен одговор на предлогот за прекин на огнот во Газа, изработен со посредство на САД, што предвидува примирје во траење од 60 дена, пренесува „Ал Џазира“.
Палестински претставник за агенцијата „Ројтерс“ изјавил дека одговорот е „позитивен и треба да придонесе кон постигнување договор“.
Според предлогот во кој „Ал Џазира“ имала увид, американскиот претседател Доналд Трамп гарантира дека Израел ќе се придржува до прекинот на огнот во предвидениот период.
Планот вклучува ослободување на десет живи заложници кои Хамас ги држи во Газа, како и предавање на телата на 18 починати лица од вкупно 58 наведени во листата.
Според предложениот распоред, Хамас би требало да ослободи осум живи заложници на првиот ден од примирјето, додека пет тела би биле предадени на седмиот ден. Триесеттиот ден би следело предавање на уште пет тела, педесеттиот ден две живи лица, а на шестиот ден од крајот на примирјето – уште осум тела.
Предлогот вклучува и итна дистрибуција на хуманитарна помош за Газа веднаш по неговото одобрување од страна на Хамас. Помошта ќе биде испорачувана во зголемен обем, слично на договорот од 19 јануари, преку договорени канали како Обединетите нации и Палестинската Црвена Месечина.
Израел и Хамас се во вооружен конфликт во Појасот Газа од октомври 2023 година, по нападот на Хамас врз јужен Израел, при што – според израелските податоци – загинале околу 1.200 лица, а 251 биле киднапирани. Од друга страна, според палестинските извори, оттогаш во Газа загинале повеќе од 56.000 луѓе.
Израелските одбранбени сили (IDF) денеска соопштија дека држат оперативна контрола над околу 65 отсто од територијата на Газа, по засилените воени дејства во изминатите денови. Само во последната недела, израелските сили, според „Тајмс оф Израел“, ликвидирале над 100 припадници на Хамас, меѓу кои и висок командант – Хакем ел Иса.
Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA) извести дека во моментот 85 отсто од територијата на Газа или се наоѓа под воена контрола на израелската армија или е подложена на наредби за принудна евакуација.