Во грчкиот регион Агиос Димитриос, во близина на Коропи во областа Атика, денеска избувна нов пожар, јави грчкиот весник Катимерини.
На терен се распоредени силни противпожарни сили: 75 пожарникари, пет специјализирани планински тимови, 25 возила, доброволци, како и четири хеликоптери и два авиона за гаснење од воздух. Поддршка во интервенцијата даваат и локалните власти.
Нешто пред 14 часот, жителите на населбите Агиос Димитриос, Галација Акти и Алтеа добија наредба за итна евакуација во правец на Лагониси.
Градоначалникот на Коропи, Димитрис Киусис, за Катимерини изјави дека ситуацијата е „сериозна бидејќи пожарот избувнал меѓу куќите“. Тој додаде дека во областа дуваат силни ветрови, а густиот чад дополнително го отежнува увидот и не е можно со сигурност да се утврди дали куќите се зафатени од огнот.
Грчките власти и натаму апелираат до граѓаните да бидат внимателни, особено во деновите кога температурите се високи, а ветерот силен – услови кои создаваат висока опасност од пожари.