Жените во Европската Унија во просек живеат 5,3 години подолго од мажите, покажуваат најновите податоци на Евростат. Просечниот животен век кај жените изнесува 84 години, додека кај мажите речиси 79.
Но, кога се анализираат годините на здрав живот – односно периодот во кој човек живее без сериозни здравствени ограничувања – сликата се менува. Кај мажите, најмногу здрави години имаат Малтејците (речиси 72), следени од Италијанците (68,5) и Швеѓаните (малку над 67). Најниско рангирани се мажите од Летонија (околу 51 година), Естонија (56,5) и Словачка (речиси 57).
Кај жените, прво место според години на здрав живот имаат жителките на Малта (над 71 година), Бугарија (71) и Италија (скоро 70), додека најмалку години во добро здравје имаат жените од Летонија (околу 54), Данска (повеќе од 55) и Финска (речиси 56).
Овие податоци укажуваат на тоа дека иако жените генерално живеат подолго, тоа не значи секогаш и дека живеат поздраво – особено во одредени земји-членки на ЕУ.