Измамниците повторно се чекор пред банките – сега со нов метод наречен „кеш трепинг“, кој веќе станува сериозна закана за корисниците на банкомати. Ако се случи банкоматот да не ви испорача пари по потврдена трансакција, не заминувајте – можно е парите намерно да се „заробени“ од страна на крадци.
Како што предупредуваат германски банки, вклучително и „Шпаркасе“, измамниците користат специјални средства за блокирање на отворот за исплата на готовина. Така, банкоматот технички ја завршува исплатата, но банкнотите не излегуваат – остануваат заглавени зад замка поставена од измамниците. Најчесто, клиентите мислат дека се работи за технички проблем и си заминуваат, а измамниците подоцна доаѓаат и ги земаат парите.
Банката советува во такви ситуации клиентите да не го напуштаат местото, туку веднаш да го проверат отворот и да пријават неправилности до најблиската филијала или, ако е затворена, до полицијата.
И германската полиција веќе има издадено предупредувања, особено откако на островот Риген е откриен манипулиран банкомат. Безбедносните системи како механички блокатори и видеонадзор се засилени, но опасноста сè уште постои.
Покрај „кеш трепинг“, измамниците користат и други методи – како т.н. „поништување на трансакцијата“. Европол неодамна уапси криминална група од Романија која со овој метод украла околу 600.000 евра. Со симнување на екранот на банкоматот и манипулирање со системот, тие успевале да ја прекинат трансакцијата точно пред исплатата, а сепак да ги земат парите.
Граѓаните се повикуваат на крајна претпазливост при користење банкомати и на задолжително пријавување на секој сомнителен случај.