Албанското специјално обвинителство за борба против корупција и организиран криминал (СПАК) спроведе една од најголемите операции против меѓународна нарко-организација, при што беа уапсени 14 лица и запленети милионски вредности во имот и пари.
Операцијата, спроведена во соработка со ЕВРОПОЛ и властите на Германија, Белгија, Франција, Холандија и Италија, е резултат на истрага започната во 2023 година. Истата се засновала на анализа на шифрирани комуникации преку апликацијата „Sky ECC“, кои откриле обемна криминална мрежа вклучена во шверц на повеќетонски количини кокаин од Латинска Америка до најголемите пристаништа во ЕУ, како Хамбург и Антверпен.
Криминалната група, според СПАК, управувала со целиот ланец – од производство и складирање на дрогата во Парагвај, преку нејзин транспорт во контејнери, па сѐ до перење пари во Албанија и странство. Само една пратка запленета во Хамбург имала проценета пазарна вредност од 1,5 до 3,5 милијарди евра – што ја прави една од најголемите досега во Европа.
Освен приведувањата, судот изрече и 16 безбедносни мерки – 14 затворски притвори и 2 мерки на редовно јавување. Конфискуван е и недвижен имот во Албанија вреден неколку милиони евра, како и 111.800 евра, 4.000 американски долари и 880.000 албански леки во готовина.