Израелскиот безбедносен кабинет официјално го одобри планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за целосна окупација на градот Газа, јави канцеларијата на израелскиот премиер.
Операцијата, според објавите на „Тајмс оф Израел“, предвидува влез на Израелските одбранбени сили (ИДФ) во северниот дел од градот, со истовремено обезбедување на хуманитарна помош за цивилите надвор од борбените зони. Се проценува дека воениот план може да предизвика масовна евакуација на околу 800.000 луѓе.
Планот на Нетанјаху се заснова на пет клучни принципи за завршување на војната со Хамас: целосно разоружување на милитантната организација, враќање на сите заложници – и живи и загинати, демилитаризација на целиот Појас Газа, воспоставување трајна израелска безбедносна контрола врз регионот, како и поставување алтернативна цивилна власт која не е поврзана ниту со Хамас, ниту со Палестинската самоуправа.
Од кабинетот информираа дека мнозинството министри го отфрлиле алтернативниот предлог на началникот на Генералштабот на ИДФ, генерал Ејал Замир, кој предупреди на сериозни ризици за животите на заложниците и потенцијалните хуманитарни последици од окупацијата.
Градот Газа, кој сочинува приближно една четвртина од територијата на Појасот Газа што сè уште не е под целосна контрола на ИДФ, вклучува и неколку големи бегалски кампови. Израелските разузнавачки служби веруваат дека токму таму се држат преостанатите заложници, околу 20 од вкупно 50 кои се водат како живи.