Илон Маск: Вештачката интелигенција ќе ги замени сите работни места – дури и моето
Извршниот директор на „Тесла“ и еден од најбогатите луѓе во светот, Илон Маск, предупреди дека вештачката интелигенција во иднина ќе ги преземе сите работни места, без исклучок – вклучително и неговото.
Во објава на социјалната мрежа X, Маск реагираше на пост во кој се фалеше ChatGPT и се опишуваше случај на пациент со рак кој со помош на вештачка интелигенција ги преиспитал советите на лекарите и донел подобри одлуки за лекување.
„Вештачката интелигенција е веќе подобра од повеќето лекари. Тоа е искрената вистина. И ќе стане многу подобра. Истото важи и за сите работни места, вклучувајќи го и моето“, напиша Маск.
Тој е еден од ретките технолошки лидери кој отворено признава дека и неговата извршна функција може да биде автоматизирана. Маск смета дека AI ќе ја надмине човечката способност во секоја професија, а промените што ќе ги донесе ќе бидат неизбежни и сèопфатни.