Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговарал со американскиот претседател на САД, Доналд Трамп, за актуелната ситуација на фронтот, руските воздушни напади, американската испорака на системи за противвоздушна одбрана и можниот иден мировен договор со Русија.
„Му го честитав Денот на независноста на претседателот Трамп и на целиот американски народ. Ние во Украина сме благодарни за целата поддршка која ни овозможува да ги заштитиме животите на луѓето и нашата независност. Заедно со Америка многу работевме и го поддржуваме секој напор за запирање на убиствата и воспоставување нормален, стабилен и пристоен мир. За мир е потребен пристоен договор, а Украина ги поддржува американските предлози“, истакна Зеленски.
Тој додаде дека се согласиле на заедничка работа за зајакнување на заштитата на украинското небо, како и на состанок на украински и американски тимови.
„Детално разговаравме и за можностите на одбранбената индустрија, како и за заедничко производство. Подготвени сме за директни проекти со Америка и веруваме дека тоа е неопходно за безбедноста, особено во однос на дроновите и сродните технологии“, нагласи Зеленски.
Трамп можеби се предомислил
Истовремено, неколку светски портали повикувајќи се на украински извори, објавија дека Трамп му изјавил на Зеленски дека сака да му помогне во одбраната на Украина со системи за противвоздушна одбрана, по засилените руски воздушни напади.
Трамп, исто така, рекол дека ќе провери кое американско оружје треба да биде испратено во Украина и дека тоа ќе биде ставено на чекање.
Разговорот помеѓу двајцата траел околу 40 минути.