Иранската државна телевизија и израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска потврдија дека Иран изврши нов ракетен напад врз Израел. Сирените за воздушен напад се огласиле во повеќе израелски региони, што ја зголеми тензијата на Блискиот Исток и ја втурна меѓународната заедница во дипломатска трка за смирување на состојбата.
И покрај обидите на европските држави да го вратат Иран на преговарачката маса, Техеран е категоричен дека разговори за нуклеарната програма нема да има додека траат израелските напади. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека „нема простор за преговори со САД сè додека не престане израелската агресија“.
Белата куќа информираше дека претседателот Доналд Трамп во наредните две недели ќе донесе одлука дали САД ќе се вклучат директно во судирот. Сепак, од Вашингтон порачуваат дека дипломатските можности сè уште не се исцрпени.
Во обид да се избегне понатамошна ескалација, денеска во Германскиот конзулат во Женева се одржува состанок меѓу министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Велика Британија и Иран. Целта е да се добијат гаранции од Техеран дека иранската нуклеарна програма ќе се користи исклучиво за цивилни цели.
Министрите Јохан Вадефул, Жан-Ноел Баро и Дејвид Лами ќе се сретнат и со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас. Средбата, според дипломатски извори, е координирана со САД, но очекувањата за напредок се ограничени.
Во меѓувреме, регионот останува на работ на нова воена ескалација, со зголемени ризици за поширок конфликт доколку не се постигне дипломатско решение.