Хрватската јавност, но и бројни туристи, бурно реагираат на високите цени по должината на Јадранот, откако во медиумите се појавија анализи кои укажуваат на драматичен пораст на трошоците за летување. Социјалните мрежи се преплавени со сведоштва и критики – од локалци кои не можат да си дозволат вечера во сопствениот град, до посетители кои велат дека цените се повисоки дури и од оние во Италија или Шпанија.
„Цените се застрашувачки. Ни ние, локалците, не можеме да си дозволиме да излеземе во ресторан како порано“, напиша жител на Далмација, додавајќи дека честопати се нуди замрзната риба како „свежа“, во комбинација со задолжително скап пијалак.
Додека цените на сместувањето варираат од 60 до 200 евра за двокреветна соба, посетителите најмногу реагираат на енормните суми во угостителството: пиво за 5 евра, паркинг до 25 евра дневно, или изнајмување лежалка и чадор поскапо од ноќевање. За некои, тоа значи крај на традиционалните вечери три пати неделно – „со среќа еднаш годишно“, коментира еден корисник на социјалните мрежи.
Посетител од странство децидно вели: „Хрватска ги надминува по цени и Италија и Шпанија. Освен убавото море, другото едноставно не постои. Недостасува содржина, нема дух“.
Јавноста предупредува дека хрватскиот туризам е на крстопат – или ќе се врати кон автентично гостопримство и разумни цени, или ќе се соочи со масовен пад на интересот. Сè погласни се повиците до надлежните институции и угостителскиот сектор да реагираат пред да биде предоцна.