Суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, најави дека ќе поднесе жалба до Советот на јавни обвинители, откако Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност оцени дека тој и уште еден јавен обвинител сториле тешки дисциплински повреди. Според Комисијата, Хајрулахи намерно и неоправдано направил сериозни професионални грешки, поради што се предлага негово разрешување.
Хајрулахи ја отфрла одговорноста и тврди дека станува жртва на организирана хајка, мотивирана од неговото делување во врска со доделените бонуси на обвинителите и другите вработени во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).
„Најодговорно и под морална, материјална и кривична одговорност тврдам дека единствената причина за целата хајка против мене се само бонусите против СЈО“, изјави Хајрулахи за МИА.
Од Јавното обвинителство информираа дека Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност веќе донела одлука дека Хајрулахи сторил тешки дисциплински прекршоци, по што следува предлог до Советот на јавни обвинители за негово разрешување.
Истата одлука е донесена и за вишиот обвинител Јован Цветановски, кој исто така е посочен за сторени тешки повреди на работните обврски.
Постапката сега се сели пред Советот на јавни обвинители, кој ќе треба да ја разгледа жалбата на Хајрулахи и да донесе конечна одлука за неговиот статус во обвинителската организација.