Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Европа нема да може значително да помогне во тековниот конфликт меѓу Израел и Иран. Изјавата доаѓа по состанокот на министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Велика Британија со иранскиот шеф на дипломатијата.
„Европа нема да може да ни помогне во ова“, рече Трамп, коментирајќи ја нивната дипломатска офанзива. Европските дипломати го повикаа Иран да продолжи со дипломатски напори без да чека крај на судирот, за да се реши прашањето со неговата нуклеарна програма. Меѓутоа, Техеран одговори дека ќе ја разгледа дипломатијата дури кога ќе престане, како што ја нарече, „израелската агресија“.
Трамп исто така ја критикуваше директорката на Националната разузнавачка служба, Тулси Габард, велејќи дека згрешила кога изјавила оти нема докази дека Иран се обидува да произведе нуклеарно оружје. Габард во март сведочеше пред Конгресот, наведувајќи дека американската разузнавачка заедница и натаму смета дека Техеран не работи на развој на нуклеарна бојева глава.
Таа на 10 јуни, само три дена пред почетокот на израелските напади врз Иран, објави видео во кое предупреди дека „политичките елити и воените подбуцнувачи“ несмасно ја зголемуваат напнатоста и стравот, што може да го доведе светот „на работ на нуклеарно уништување“.