Апелациониот суд во Солун донесе одлука за екстрадиција на 34-годишен државјанин на Северна Македонија, кој се товари за грабеж и убиство на 81-годишен маж во германскиот град Библис. Веста ја пренесе грчкиот весник „Катимерини“.
Според информациите од германските медиуми, злосторството се случило на 9 февруари годинава. Телото на жртвата било пронајдено два дена подоцна во неговиот стан на улицата Линденштрасе, откако загрижените роднини пријавиле дека не можат да стапат во контакт со него. Обдукцијата потврдила насилна смрт, а истрагата ја презеле обвинителството во Дармштат и криминалистичката полиција од Хепенхајм.
Според германските власти, околностите упатуваат на особено свирепо убиство. За случајот била формирана специјална истражна единица со кодно име „1002“, составена од повеќе од 20 истражители. Отворена била и телефонска линија за собирање информации од потенцијални сведоци.
Осомничениот Македонец бил уапсен во мај, на граничниот премин Евзони, при рутинска полициска контрола, кога било утврдено дека е предмет на европска потерница. Германското обвинителство информира дека осомничениот престојувал во Германија како дел од работна група од Македонија, а бил сместен токму кај жртвата. Според обвинението, тој и уште неколку лица го врзале домаќинот, му ја затвориле устата и го ограбиле, што довело до негова смрт од задушување.
Пред судот во Солун, осомничениот побарал да не биде екстрадиран, наведувајќи дека во случај да остане во Грција, неговото семејство од Велес би можело полесно да го посетува. Меѓутоа, судот го одби барањето и ја одобри екстрадицијата во Германија, каде што 34-годишникот ќе се соочи со тешки кривични обвиненија.