Попладнево, нешто по 16 часот, Охрид и околината беа зафатени од силно невреме проследено со пороен дожд, ветер и обилен град. Според сведоштвата на граѓаните, за само неколку минути небото се стемнило, а улиците биле прекриени со крупен град, со големина на орев.
На социјалните мрежи се споделуваат видеа и фотографии од драматичната временска непогода – темни облаци, разорен ветер и град кој удира врз автомобили, кровови и улици. „Целата улица побеле за неколку минути, немаше каде да се скриеш“, напиша жител на Охрид на Фејсбук.
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), невремето било предизвикано од интензивна конвективна облачност која се формирала над западниот дел од Македонија. Метеоролозите предупредуваат дека и утре попладне постои ризик од нови локални нестабилности со пороен дожд, грмежи и град.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) упатија апел до граѓаните да останат внимателни, да ги следат информациите од надлежните институции и да избегнуваат движење на отворено за време на невреме. Засега нема податоци за повредени лица, но се евидентирани материјални штети на неколку локации.
Надлежните служби се на терен и работат на проценка на штетите и расчистување на последиците од невремето.