УТРО.мк

Инспекторот од Битола под истрага за дивоградба останува суспендиран – Агенцијата за администрација ја потврди одлуката

Инспекторот од Битола под истрага за дивоградба останува суспендиран – Агенцијата за администрација ја потврди одлуката
Vero

Инспекторот од Општина Битола, кој е под предистражна постапка поради сомнеж за дивоградба во селото Дихово, нема да се врати на работното место додека трае истрагата против него. Агенцијата за администрација ја отфрли неговата жалба и ја потврди суспензијата донесена од општинскиот секретар Борче Димитровски.

Како што дознава „АПЛА“, административниот службеник, чиј идентитет не се открива официјално, но чии иницијали се К.М, бил суспендиран уште во мај оваа година. Одлуката следела по информациите што излегоа во јавноста дека токму тој е сопственик на луксузна вила со базен во селото Дихово, објект за кој се сомнева дека е изграден без соодветни дозволи.

Случајот се обелодени во рамки на голема акција на Општина Битола за справување со дивоградбите во Потпелистерието, конкретно во селото Дихово и населбата Довлеџик, која беше спроведена веднаш по трагедијата во Кочани.

„Комисијата за одлучување по жалби и приговори донесе одлука со која приговорот на административниот службеник се одбива како неоснован, а решението од секретарот на Општина Битола се потврдува“, стои во одговорот на Општината. Во решението било наведено дека неговото присуство на работното место би можело да го попречи утврдувањето на одговорноста и да ја наруши институционалната работа.

Обвинителството во Битола уште во април потврди дека е отворена предистражна постапка за сторени кривични дела, а Општина Битола денеска информираше дека се преземени сите правни механизми за разрешување на случајот.

Градоначалникот Тони Коњановски изјави дека суспензијата е дел од пошироките напори на општината за зачувување на интегритетот на јавната администрација и непречено функционирање на институциите.

Извор: АПЛА.мк

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран