Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во интервју за Радио-телевизија на Република Српска (РТРС) изјави дека Европската унија повеќе не се смета за единствена опција, и дека во иднина ќе се појавуваат сѐ повеќе алтернативи на европската интеграција. Тој, притоа, ја изрази и својата скепса во однос на долгорочната стабилност на Унијата.
„Западот постојано повторува дека Европската унија нема алтернатива. Но тоа едноставно не е точно – ние мора да имаме алтернатива, и тоа ним не им се допаѓа. Може да зборуваат што сакаат, но ние имаме право да бидеме незадоволни од нивниот однос кон нас“, изјави Додик.
Тој посочи дека, според него, без притисоците од Западот, Република Српска би била далеку поразвиена.
„Да не бевме изложени на притисоци и политичко условување, денес ќе бевме многу подалеку. И покрај сѐ, успеавме да изградиме одржлива економија“, додаде тој.
Осврнувајќи се на искуствата од времето на пандемијата, Додик потсети дека Европската унија тогаш вовела забрана за извоз на медицински материјали, што ја принудило Република Српска да бара помош од други партнери.
„Во тој критичен момент, се свртевме кон Кина и Русија за да ги обезбедиме неопходните ресурси. Дури откако ги задоволија сопствените потреби, ЕУ се појави со ‘хуманитарна’ поддршка“, истакна Додик.
Во продолжение, тој нагласи дека денес Русија претставува стратешки партнер на Република Српска.
„Соработката со Русија ни отвора нови врати во многу сектори и ја зајакнува нашата позиција“, заклучи претседателот на Република Српска.