Иранската армија, во текот на синоќешните напади врз Израел, употребила проектили со касетна муниција – за првпат пријавено користење на ваков тип оружје во седумдневниот конфликт, соопшти израелската армија и израелската амбасада во Вашингтон.
„Иранските вооружени сили лансираа проектил со касетна боева глава врз населено цивилно подрачје во Израел“, наведено е во соопштението што амбасадата го испрати до агенцијата Reuters, без да се прецизира точната локација на нападот.
Во пораката се истакнува дека касетната муниција е дизајнирана да предизвика максимална штета преку распрснување на подмуниција на пошироко подрачје.
„Иран незаконски и намерно цели кон цивилни области, со цел да ја зголеми разорната моќ на нападите користејќи оружје со широк радиус на дејство“, се додава во соопштението.
Иранската мисија при Обединетите нации не одговорила на барањето за коментар.
Според израелски воени извори, кои ги цитираат локалните медиуми, боевата глава на проектилот се отворила на висина од околу 7 километри и исфрлила приближно 20 подмуниции во радиус од 8 километри над централниот дел на Израел. Едно од парчињата удрило во куќа во градот Азор, предизвикувајќи материјална штета, но без жртви.
Касетните бомби се сметаат за контроверзни поради нивниот неселективен карактер – подмунициите што не експлодираат при удар остануваат опасни долго по завршување на конфликтот, со што претставуваат сериозна закана за цивилното население. Израелската армија објави предупредувачки графики со цел да ја информира јавноста за ризиците од неексплодирана муниција.
И покрај тоа што Конвенцијата за забрана на касетна муниција од 2008 година е потпишана од 111 земји и 12 други ентитети, ниту Израел, ниту Иран не ѝ се приклучија. Слично, САД во 2023 година испратија касетна муниција во Украина за борба против руските сили, а Киев тврдеше дека и руската армија употребувала исто оружје.
Само три земји – Иран, Израел и САД – досега одбиле да ѝ се придружат на конвенцијата, која има за цел да го забрани производството, складирањето, преносот и користењето на касетни бомби.