Моќна шиитска милиција од Ирак, која ужива поддршка од Иран, испрати сериозна закана дека ќе ги нападне американските воени бази на Блискиот Исток доколку администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се вклучи во израелско-иранскиот конфликт.
„Уште појасно потврдуваме дека ако САД се вклучат во оваа војна, растроениот Трамп ќе ги изгуби сите трилиони долари од овој регион за кои сонувал. За тоа се подготвени и оперативни планови“, порача Абду Али ал-Аскари, шефот за безбедност на шиитската група Kataib Hezbollah.
Трамп се очекува да донесе одлука во рок од две недели дали ќе започне напад врз Иран, соопшти вчера Белата куќа.
Ал-Аскари предупреди дека американските бази во регионот ќе станат „ловишта“, а истовремено се закани со затворање на стратешките морски премини — Ормускиот теснец меѓу Персискиот и Оманијскиот залив и теснецот Баб ел-Мандеб што води кон Црвеното Море од југ.
„Нафтените пристаништа покрај Црвеното Море ќе престанат да работат, а за воздушните напади и неочекуваните изненадувања што ги чекаат нивните авиони во небото да не зборуваме“, истакна тој.
Во јануари минатата година, САД објавија дека милицијата Kataib Hezbollah веројатно стои зад нападот со дрон врз мала американска база во Јордан позната како Tower 22, при што загинаа три американски војници, а повеќе од 30 беа повредени.