Тешка сообраќајна несреќа која се случи попладнево кај тетовското село Желино, веднаш по наплатната рампа, предизвика сериозен застој во сообраќајот. Колони од автомобили, во четири ленти, се протегаат со километри, а движењето на возилата речиси е во целосен прекин повеќе од еден и пол час.
Автомобилите, меѓу кои се и многу граѓани од Скопје, Велес, Куманово и други градови, кои се упатиле кон Тетово и западниот дел од земјата на викенд, стојат заглавени без можност за поместување.
Алтернативниот пат преку селото Групчин до Желино се користи од дел од возачите кои добиле информација за блокадата кај патарината. Но, ситуацијата дополнително се влоши околу 17 часот кога Тетово и околината ги зафати силно невреме со пороен дожд и грмотевици, што уште повеќе го отежнува сообраќајот и ја намалува видливоста на патиштата.
Од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) соопштија дека несреќата се случила нешто пред 15 часот, но засега нема информации дали има повредени лица или каква е точната причина за несреќата. Надлежните служби се на терен, а граѓаните се повикуваат на трпение и внимателност во возењето.