Александар Трајановски, поранешен директор на Ургентниот центар и актуелен член на Извршниот одбор на СДСМ, ќе биде кандидатот на партијата за градоначалник на општина Аеродром, дознава ТВ 24 од висок партиски функционер. Истата функција во Ѓорче Петров ќе ја брка поранешниот пратеник Костадин Ацевски, додека Александар Бузлески, син на поранешниот функционер на СДСМ Димитар Бузлески, ќе биде кандидатот на опозициската партија во Ресен.
Овие имиња се дел од првата група од околу 20 кандидати кои се очекува попладнево да бидат потврдени од Извршниот одбор на СДСМ и официјално објавени како први кандидати за претстојните локални избори. Станува збор за имиња зад кои цврсто застанал лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој го води процесот на селекција.
Покрај веќе познатите кандидати кои ТВ 24 ги објави претходно – Горан Герасимовски за Центар, Томе Христовски за Крушево, Сашко Митовски за Крива Паланка и Сашо Комнениќ за Чучер Сандево – според партиски извори, се очекува СДСМ денеска да донесе одлука и за кандидатите во повеќе помали општини, но и во Штип и Дојран. Во игра за овие општини се Павел Иванов и Ристо Џинев.
СДСМ најавува дека ќе објави кандидати со кредибилитет, искуство и силна врска со граѓаните, кои ќе ја претставуваат визијата на партијата за развој на локалната самоуправа и ефикасно управување.