На средбата со Трајко Карев, еден од четворицата внуци од најстариот брат на претседателот на Крушевската република, Никола Карев, го испивме кафето во „Крушевската одаја“.
Веднаш пред споменикот на Никола Карев, пред Гумење, е куќата на Кареви. А, нив ги има повеќе фамилии.
Седумдесет и осум годишниот Трајко, со задоволство и гордост, ја почнува својата приказна за славниот дедо.
– Цел живот ги слушав приказните од дедо ми Петруш, најстариот брат на Никола Карев. Знам сѐ за Илинденското востание, за дедо ми – претседателот на Крушевската Република. Живо се сеќавам и на пренесувањето на неговите останки во 1953 година во Македониумот, вели Трајко Карев.
Откако од осум години останал сирак, Трајко постојано бил со својот дедо Петруш.
– Седум години, дење и ноќе, бев со дедо ми Петруш, најстариот брат на Никола Карев. И сите приказни ми ги раскажуваше, а јас желно ги слушав и ги чував во себе. Дедо ми Петруш беше жив илинденец. Секој втор ден бевме „на терен“. Ми покажуваше места, локалции, како било за време на Илинденското востание. Дедо ми Петруш живееше 95 години. Живееше до 1963 година кога јас имав 14 години. Го паметам, секој ден носеше бастун во десната рака, а со левата ме држеше мене за рака, раскажува Трајко Карев, токму наспроти споменикот на неговиот славен дедо, Никола.