Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес ја посети хидроелектраната „Козјак“, една од клучните енергетски точки во земјава која претставува пример за успешна синергија меѓу природата и технологијата.

Во изјавата од терен, министерката Божиновска потенцираше дека ХЕ „Козјак“ не само што произведува чиста хидроенергија, туку има и важна улога во заштитата од поплави во сливот на реката Треска, како и во зачувување на биодиверзитетот во околината.

„Од критични 4% водостој, со макотрпна работа и домаќински пристап, денес сме над 50% – тоа е доказ дека вистинските политики носат резултати,“ изјави Божиновска. Таа додаде дека ваквите проекти се потврда дека инвестициите во енергетиката можат да обезбедат стабилност, енергетска безбедност и одржлив развој.
Министерството продолжува со планови за модернизација на постојната инфраструктура и воведување нови технологии кои ќе овозможат уште поголема ефикасност и зелена транзиција.
ХЕ „Козјак“ останува клучен столб во енергетската мрежа на Македонија и доказ дека со визија, стручност и одговорен пристап може да се гради иднина со почиста енергија и посигурна животна средина.