УТРО.мк

Иван Чупиќ нов тренер на Вардар 1961

Иван Чупиќ нов тренер на Вардар 1961
Vero

Ракометниот гигант Вардар 1961 денес официјално го претстави новиот тренер – Иван Чупиќ, хрватската ракометна легенда и поранешен играч на клубот. На прес-конференцијата во Скопје, првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски, го претстави Чупиќ како „вистинскиот избор“ за иднината на клубот, но и најави можни промени во стручниот штаб, вклучувајќи ја и неизвесната улога на Стојанче Стоилов.

„Столе е легенда на Вардар, многу го ценам, но во овој момент не сметам дека е подготвен да го води тимот. Вратата за него останува отворена – дали како помошник или во друга улога, ќе разговараме“, изјави Михајловски.

Новиот тренер, Иван Чупиќ, изјави дека имал коректен разговор со Стоилов и додаде дека тоа што било кажано ќе остане приватно: „Тој е икона на клубот и секогаш ќе има место во историјата на Вардар.“

Михајловски не го криеше разочарувањето од поразот против Пелистер и истакна дека токму тој натпревар бил пресвртница во одлуката за промени. „По натпреварот со Пелистер, не сакав цела недела да зборувам за ракомет. Смисливме добар тим за Лигата на шампиони, но мора да се вратиме на тронот во домашното првенство и да го одбраниме Купот.“

Тој додаде дека Чупиќ уште како играч покажувал тренерски амбиции и дека токму тоа било пресудно: „Кога си заминуваше од Вардар, сам понуди да остане како тренер. Тоа ме изненади, но и убеди дека има визија.“

Сега останува да се види дали Стоилов ќе прифати нова функција или ќе се раздели од клубот. Во меѓувреме, Вардар со ново раководство и амбициозен тренер влегува во новата сезона со цел – враќање на старата слава.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран