Градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, најави голема реорганизација на комуналната хигиена и генералка на главниот град. Во гостување на Канал 5, Ѓорѓиевски истакна дека градот Скопје се соочува со сериозен хаос и запуштеност, особено во делот на хигиената, и вети дека ќе го направи Скопје „поубаво и почисто место за живеење“.
„Скопје никогаш не бил понечист. Она што најмногу ги мачи граѓаните е нефункционалната комунална хигиена. Ако бидам избран за градоначалник, првото нешто со кое ќе се зафатам е целосна реорганизација на системот и голема генералка на градот“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека зад него стои четиригодишна успешна работа во Кисела Вода, каде биле изградени нови градинки, паркови и спортски комплекси на местата на стари диви депонии. „Листите на чекање за градинки ги сведовме од 450 на 20 деца, и наскоро отвораме уште две нови установи“, рече тој.
Ѓорѓиевски најави дека истиот модел ќе го примени и во Скопје, со цел градот да добие „нови бели дробови“ и урбан простор за рекреација. Според него, проблемите со депониите ќе се решаваат со долгорочни, одржливи решенија.
„Во првите месеци од мандатот ќе ги сведам проблемите на нула и ќе воспоставиме нормално функционирање на градот“, увери кандидатот.