Чаир доживува целосна трансформација благодарение на над 11 милиони евра инвестирани во 68 проекти реализирани во помалку од 12 месеци. Секоја населба, секоја улица и секој дом веќе го чувствуваат ветениот напредок.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска беше во населеното место Дижон каде лично изврши увид во тековните инфраструктурни активности. Тој истакна дека работите напредуваат со забрзано, но безбедно темпо.

„Секој проект е на своето место, секоја инвестиција се претвора во реалност за граѓаните на Чаир. Ова е трансформацијата што ја ветивме и која сега секојдневно ја реализираме“, порача Меџити.

Овие вложувања опфаќаат широк спектар на проекти — од уредување на улици, модернизација на јавната инфраструктура, па сè до подобрување на условите за живот во сите делови на општината.

Меџити посочи дека стратегијата за развој на Чаир продолжува со уште поголем интензитет и дека секој граѓанин ќе го почувствува ефектот од овие промени.