УТРО.мк

Ѓорѓиевски на отворањето на новата градинка „Верверичка“: Згрижувањето деца во Кисела Вода станува достапно за сите

Ѓорѓиевски на отворањето на новата градинка „Верверичка“: Згрижувањето деца во Кисела Вода станува достапно за сите
Vero

Во Општина Кисела Вода денеска беше отворена нова градинка – „Верверичка“, дел од ЈДГ „Весели Цветови“. На отворањето присуствуваа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и д-р Маја Стевкова Штериева од Комерцијална банка, која финансиски го поддржа проектот.

Новата градинка е со површина од 525 м² и располага со шест занимални, четири воспитни групи и јасли. Објектот ќе згрижува 125 деца и директно ќе придонесе кон надминување на проблемот со недостиг на места во предучилишните установи.

„Со оваа инвестиција, официјално ја затвораме листата на чекање во рамките на ЈДГ ‘Весели Цветови’, која на почетокот на мојот мандат броеше 180 деца,“ изјави градоначалникот Ѓорѓиевски. Тој додаде дека во моментов на ниво на цела општина остануваат уште дваесетина деца кои чекаат прием, но увери дека и овој проблем наскоро ќе биде надминат.

Ова е третата новоотворена градинка за време на мандатот на Ѓорѓиевски, кој најави дека дополнително се градат уште две градинки во населбите Расадник и Потстаница, а досега се извршени и доградби во пет постојни установи.

Градоначалникот се заблагодари на Комерцијална банка за донацијата од 6 милиони денари, истакнувајќи ја важноста од ангажманот на корпоративниот сектор во општествено одговорни проекти. Благодарност беше упатена и до Министерството за социјална политика за институционалната поддршка.

„Ова е уште еден чекор кон остварување на нашата заложба – достапно, квалитетно и безбедно предучилишно образование за секое дете во Кисела Вода,“ заклучи Ѓорѓиевски.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран