Кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски, во интервју за А1ОН отворено зборуваше како да се подобри секојдневието на граѓаните, кои проекти ќе бидат приоритет и што е најитно за иднината на градот.
„Ако граѓаните ми ја дадат довербата, првите години од мандатот ќе ги посветиме на проекти што директно ќе го подобрат секојдневието во Пробиштип. Прво ќе почнеме со подготовка на нови индустриски и станбени зони кои ќе претставуваат современи можности за семејствата и нова перспектива за иднината,“ вели Тоневски.
За граѓаните на општина Пробиштип, од голема важност е подготовка на план за конечно решавање на јаловишната депонија,. „Во таа насока, ќе започнеме со консултации со еминентни експерти од таа област со цел да дојдеме до решавање на проблемот, за кој се ветуваше многу од актуелната локална власт, но наместо решенија, добивме уште едно разочарување и сведоштво за досегашното неработење,“ нагласува кандидатот. Дополнително, тој најавува вложувања во енергетска ефикасност и изградба на две пречистителни станици за отпадни води со меѓународна поддршка, кои ќе го решат загадувањето на Пробиштип, Злетово, Ратавица и Киселичка река.
Според него, нужност е изградбата на патниот правец Пробиштип – Пониква, кој би го оживеал локалниот туризам. Паралелно, ќе се работи и на реконструкција и проширување на патот Пробиштип – Свети Николе, за полесно вмрежување на двата града и пошироко.
Во делот на спортот, Тоневски најави изградба на нов градски базен, а фудбалското игралиште во Злетово ќе доживее целосна трансформација. „Инфраструктурата, животната средина и спортот не се трошок – тие се инвестиција во иднината на Пробиштип,“ порача тој.