Загреб – Хрватските граѓани наесен се очекува да се соочат со значително зголемување на сметките за струја и гас, откако Владата најави намалување на дел од субвенциите за енергенси.
Петта година по ред, цените на енергијата беа делумно амортизирани преку директни државни субвенции, но премиерот Андреј Пленковиќ најави дека овој модел завршува. Засега не е познато кои мерки ќе останат на сила и кои домаќинства ќе бидат опфатени, но се очекува голем дел од граѓаните да плаќаат повисоки сметки за струја, гас и парно греење.
Економскиот аналитичар Петар Вушковиќ предупредува дека растот на трошоците за енергија ќе го продолжи „маѓепсаниот круг“ на инфлацијата, особено со започнување на грејната сезона. Тој посочува дека ударот врз семејните буџети е дополнително засилен од глобалните фактори, како блокади на транспортни правци, климатски промени и војната во Украина.
Се очекува Владата да задржи помош за најранливите групи, како енергетскиот додаток од 70 евра за социјално загрозените, но останува прашањето дали тоа ќе биде доволно за ублажување на ударот врз пошироката популација.