Интервенцијата на пожарникарите во фабриката „Макпрогрес“ во Виница вечерва доби драматичен пресврт, откако најмалку четворица од нив се повредени додека се обидувале да го изгаснат пожарот.
Според првичните информации, пожарникарите се заглавиле во стопен шеќер кој истекувал од производните погони на „Винчини“. Во моментот на несреќата, пожарникари од Штип, Кочани и Свети Николе, кои влегле во жариштето, се нашле во критична ситуација. Благодарение на нивната заштитна опрема, се избегнати уште потешки повреди.
Во хаотичната акција за спасување, неофицијално, повредени се и дел од колегите кои се обидувале да ги извлечат заглавените пожарникари. На местото на настанот се присутни голем број противпожарни возила, амбулантни тимови и полиција, кои помагаат во справувањето со ситуацијата и асистираат на повредените.
Пожарот во фабриката и понатаму е активен, а надлежните апелираат за внимателност и избегнување на близок пристап кон жариштето.