Повеќе од 1000 германски воени возила пристигнаа во Литванија за големи вежби на источното крило на НАТО, јавува германската агенција dpa. Возилата, вклучувајќи борбени и оклопни возила, воени камиони и друга опрема, беа пренесени со два товарни бродови од германското пристаниште Росток преку Балтичкото море до пристаништето Клајпеда.
По пристигнувањето, конвојот на 37. оклопна пешадиска бригада се упати кон Пабраде и другите литвански воени бази, соопшти портпаролот на германската армија Бундесвер. Во Литванија, војската и опремата ќе учествуваат во вежбите „Quadriga 2025“, фокусирани на заштита на балтичката регија во кризни и воени услови.
Литванија ќе стане центар на германското воено присуство во следните години, а 45. оклопна бригада, наречена „Литванија“, постепено се воспоставува и треба да биде целосно оперативна до 2027 година со 5000 војници. Литванија граничи со руската енклава Калининград и со рускиот сојузник Белорусија, што ја прави стратегиски значајна за НАТО.