Непознати лица фрлија молотови коктели кон полицијата пред грчкиот Парламент во центарот на Атина, веднаш по завршувањето на протестот за железничката несреќа кај Темпи, јави дописничката на МИА.
Инцидентите се случиле само неколку минути по крајот на протестот, додека уште имало граѓани пред Парламентот, поради што полицијата не употребила солзавец. Тензиите се пренеле во долниот дел на плоштадот Синтагма, каде маскирани лица побегнале, а специјалните полициски единици користеле солзавец за да ги растераат. Според неофицијални извори, приведени се над 20 лица.
Протестот под слоганот „Правда“ го организираше Здружението на роднините и семејствата на загинатите, а илјадници граѓани се собраа на плоштадот Синтагма. Настанот се одржа во исто време со говорот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на отворањето на Меѓународниот саем во Солун. Роднините на загинатите упатија пораки како „Немам кислород, не е само број, туку 57 загинати. Правда за нив“, „Корупцијата убива“ и „Не забораваме, не простуваме“.
Железничката несреќа кај Темпи се случи пред две и пол години, кога во судир на патнички и товарен воз животот го загубија 57 лица.
#Greece | Clashes broke out between police and protesters after the rally in #Athens over the #Tempi train disaster. Several people were detained. pic.twitter.com/KVGa0pv5Y2
— Vedat Yeler (@vedatyeler_) September 6, 2025