Белград – Командантот на српската Специјална антитерористичка единица (САЈ), полковник Спасоје Вулевиќ, потврди дека е разрешен од функцијата и дека се пензионира по сопствено барање.
Вулевиќ изјави за агенцијата Бета дека смената следела по донесувањето на новата систематизација на работни места во четвртокот, а во петокот бил информиран дека повеќе не се смета на него како командант, бидејќи, како што рече, претседателот Александар Вучиќ не сака да има вооружена формација која не е под негова апсолутна контрола.
„По 33 години служба во САЈ, од кои од 2005 година сум командант, ми беше понудена позиција советник на министерот, но ја одбив и се пензионирам“, истакна Вулевиќ.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и директорот на полицијата Драган Васиљевиќ го информирале за смената и за можноста за новата позиција, која Вулевиќ ја одбил, одлучувајќи да се повлече предвреме од активната служба.